При делење со броеви обично најпроблематично е да се изврши делење на цел број со децимален број! Тука може да видите примери за делење на цел број со децимален број, како и правила кои треба да ги почитуваме да за ја завршиме постапката на правилен начин! Еден пример може да видите директно на оваа страница, додека дополнителни примери се достапни во видео формат до кое што можете да пристапите од днното на страницата.

Како се дели цел број со децимален број

При делење на цел број со децимален број треба да го направите следново:

  • Прво целиот број и децималниот број ги прошируваме со онаа декадна единица (10, 100, 1000, …) која што има онолку нули колку што децималниот број има децимални места. На пример ако делиме со бројот 3,4, треба да прошируваме со декадната единица 10, затоа што бројот 3,4 има само едно децимално место (бројот 10 има само една нула). Доколку делиме со децималниот број 1,45, треба да прошириме со 100, итн.
  • По проширувањето вршиме делење на ист начин како што вообичаено се дели цел број со цел број (при делењето внимаваме на правилата кои важат за знаците при делење и множење на цели броеви).

Примери за делење цел број со децимален број

Погледнете ги примерите во кои се опишани двата чекори кои треба да ги реализираме за успешно да поделиме цел број со децимален број.

Пример 1: Подели ги броевите:

34 : 2,5 =

Децималниот број 2,5 има само едно децимално место. Поради тоа, прво, и двата броеви ќе ги помножиме со бројот 10. По проширувањето првиот израз го заменуваме со изразот:

340 : 25 =

На овој начин, задачата за делење цел број со децимален број ја заменуваме со задача во која делиме цел број со цел број. По делењето се добива дека количникот изнесува:

340 : 25 = 13,6

Пример 2: Подели ги броевите:

250 : 12,25 =

Децималниот број 12,25 има две децимални места. Поради тоа, прво, и двата броеви ќе ги помножиме со бројот 100. По проширувањето првиот израз го заменуваме со изразот:

25000 : 1225 =

По комплетирањето на делењето се добива резултатот:

25000 : 1225 = 20,41*

* Точниот резултат на втората задача е децимален број со бесконечен број децимали. Решението е заокружено на втора децимала. Потсетете се како се заокружува децимални броеви!

Во видеото подолу може да видите повеќе примери за делење цел број со децимален број:

Делење со децимален број


Следете ги информациите и материјалите кои ќе бидат објавени во иднина со поврзување на профилите на www.matematikazasite.com профилите на Facebook, Instagram, Twitter и Youtube со користење на копчињата подолу.

 

Tags: , , ,