Атомски и масен број се податоци кои се карактеристични за атомот на секој хемиски елемент. Овие податоци се поврзани со точниот број на елементарни честички (протони, неутрони, електрони) кои имаат постојано еднаква вредност за даден хемиски елемент.

Атомски број

Атомски број се однесува на бројот на протони во атомското јадро. Притоа, се подразбира дека овој атомски број дава информација и за бројот на електроните во електронската обвивка за истиот атом од даден хемиски елемент. Секако ова важи само ако тој атом се наоѓа во “електронска рамнотежа”. При рамнотежа важи дека бројот на неговите протони и електрони е еднаков.

Ако станува збор за атом кој е наелектризиран позитивно или негативно, тогаш бројот на неговите протони не се поклопува со бројот на неговите електрони.

При означувањето, атомски број претставува бројот кој се пишува како индекс, долу, лево од симболот на самиот хемиски елемент. Атомски број се означува со Z.

Масен Број

Масен број се однесува на вкупниот број на протони и неутрони во атомското јадро, односно го покажува бројот на нуклеони (честички кои се наоѓаат во атомското јадро – протони и неутрони). При означувањето масен број се запишува како индекс, горе, лево од симболот на хемискиот елемент. Масен број се означува со A.

Во видеото може да се види позицијата и вредноста на масениот и атомскиот број на хемискиот елемент натриум.

Masen broj i atomski broj

Масениот број е секогаш поголем од атомскиот број и тоа речиси приближно двојно. Овој ефект постои поради тоа што најчесто (кај најголем број атоми), бројот на протоните и бројот на неутроните е речиси еднаков.

На сликата долу се гледа шема на прикажани податоци за хемиски елемент. Тие податоци се однесуваат на неговиот атомски број и неговиот масен број.

Доколку ни се познати масениот и атомскиот број на даден хемиски елемент лесно може да одредиме колкав е бројот на неутроните во неговото јадро. Доволно е да ја пресметаме разликата помеѓу масениот и атомскиот број.

Број на неутрони = Масен број – Атомски број

односно:

Број на неутрони = А – Z

Токму во бројот на елементарните честички, протоните, неутроните и електроните и нивниот распоред лежат сите тајни на хемија како наука.

Атомски и масен број на хелиум
Атомски и масен број на хелиум

На сликата горе е прикажан симболот на хемискиот елемент хелиум, со неговите атомски и масен број. Од сликата, и од се погоре спомнато, лесно се гледа дека:

  • a) Атомскиот број е 2
  • б) Масениот број е 4
  • в) Бројот на протони во јадрото на хелиумот е 2
  • г) Бројот на нуклеони е 4
  • д) Бројот на неутрони се добива како разлика на масен број – атомски број, т.е бројот на неутрони во јадрото на хелиум е 2


Следете ги информациите и материјалите кои ќе бидат објавени во иднина со поврзување на профилите на www.matematikazasite.com профилите на Facebook, Instagram, Twitter и Youtube со користење на копчињата подолу.

 

Tags: , , ,