Добродојдовте на мојот веб-сајт со единствена тема Математика.
Јас сум Блаже Ангелов, професор по математика и физика во ООУ “Крсте Петков Мисирков” –Радовиш, со 11 годишно професионално работно искуство . Покрај примарниот работен ангажман, работам и хонорарно во образовен центар “EDUCO” – Радовиш, каде што реализирам предавања по математика и физика за ученици кои имаат потешкотии со стандардниот образовен процес и имаат потреба од дополнителна помош.

Водејќи се од мислата дека секој образовен систем трпи промени и прилагодувања од најразлични причини решив и јас да дадам сопствен придонес во прилагодувањето на изгледот на наставата во однос на новите генерации и состојбата со онлајн часови. Сведоци сме дека сите просветни работници бевме во ситуација да импровизираме, да комбинираме различни методи се со цел да се прилагодиме на новонастаната состојба на учење од дома, поради актуелната состојба со пандемијата со Ковид-19.

Јас лично, во потрага по добар метод, решив со моите ученици да работам со користење на многу внимателно креирани презентации во Power Point, кои содржат анимации, специјални ефекти, решавање задача клик по клик итн. Искрено, бев изненаден колку учениците добро го прифаќаат овој метод на работа и буквално секојдневно слушав пофални зборови како од учениците така и од нивните родители. Во некои делови од работата дури бев и позадоволен од стандардната настава, затоа што часот реализиран со презентација ми се допаѓаше повеќе од истиот тој час што го реализирав класично во годините наназад.

Тука се роди идејата дека овој метод може да функционира и може да им помогне на сите ученици,доколку ваков тип на материјал се најде пред нив. Затоа решив моите материјали да ги споделам со сите на веб-сајт кој ќе биде достапен за секого. Започнувам со математика, а се надевам дека слична варијанта ќе произлезе и по физика.


Од се она споменато погоре, со најголема посветеност, мотивација, желба и љубов кон професијата решив да го креирам и активирам мојот веб-сајт www.matematikazasite.com. Искрено, домејнот (името на сајтот) имав голема желба да биде со кириличен фонд ,но,за жал не успеав во тоа. Зошто се одлучив за името:


МАТЕМАТИКА ЗА СИТЕ

Главната цел на функционирањето на овој веб-сајт е да понуди бесплатни материјали по Математика за сите:

  • Ученици од основно и средно образование кои имаат потреба од дополнителни материјали и методи за полесно да учат математика
  • Студенти кои може брзо, лесно и ефективно да лоцираат и учат материјал кој го подзаборавиле или пропуштиле (се надевам дека во иднина ќе споделам и материјали кои ќе се подготвени специјално за студенти)
  • Родителите на учениците кои заедно со своите ученици ќе се дружат малку повеќе учејќи математика
  • Наставниот кадар по математика ако одлучи дека некоја содржина може да се примени во практичната настава
  • Луѓето кои сакаат математика (да, не има и такви) ќе добијат една лесно применлива платформа каде ќе може да погледнат нешто интересно од оваа област

Што му овозможува www.matematikazasite.com на било кој корисник:

  1. Лесна навигација и пронаоѓање на материјали кои сака да ги учи. Веб-сајтот има главно мени кои ги содржи сите одделенија од 6 до 9 основно образование и четирите години од средно образование. Секој може многу лесно да го лоцира потребниот материјал. Освен главното мени, на левата страна имате опција да одберете област од математика која ве интересира на пр. геометрија, тригонометрија итн.
  2. Изобилство од примери! Ако на редовните часови еден ученик може да види 3-4 примери од решени задачи, овде може да види барем неколку пати повеќе. Задачите се поделени по видови и нивоа.
  3. Интересни илустрации кои сметам и се надевам дека ќе создадат дополнителна мотивација кај секој ученик или читател.
  4. 99% од почетниот материјал е во видео форма што дозволува секој читател да вклучува и исклучува или пак да се враќа наназад онолку пати колку што му е потребно за да научи.
  5. Достапност во секое време и на било која локација бидејќи сајтот може да се користи и на секој мобилен уред.
  6. Можност за самостојно учење независно од образовниот систем.
  7. Самоотценување доколку ученикот се труди да ги реши задачите со запирање на видеото во даден момент, па повторното вклучување ќе му покаже дали е во право или не.
  8. Дополнителна подршка кога сме во состојба повеќето ученици да чувствуваат низа недостатоци поради онлајн наставата.

Како јас гледам на мојот веб-сајт


Дополнително средство за учење специјализирано само на една тема “кралицата на науките” – Математика!
Веројатно ако го разгледате сајтот внимателно, ќе сфатите дека не се опфатени сите теми и за почеток има релативно мала дата база на податоци, но бидете сигурни дека јас овој сајт ќе продолжам да го развивам се додека не ги опфатам сите можни теми и проблеми од математика од неколку различни агли. Освен тоа во иднина, покрај почетниот видео материјал ќе има едукативни квизови кои секој читател ќе може да ги активира по сопствена желба, за на крај да добие извештај за степенот на точност. Исто така сајтот ќе биде надограден со материјали за дополнително самопроверување на знаења.

Веројатно во посовремена варијанта ќе дојде време кога тука ќе добивате упатсва во видео формат со директно гласовно предавање од моја страна. Верувам дека сајтот ќе има влијание и на комуникацијата ученик-ученик бидејќи мојот веб-сајт дозволува коментирање на дното на секој споделен материјал, па секој ученик може да ја сподели проблематичната задача и да добие одговор од мене или некој друг читател. Се надевам дека овој веб-сајт ќе прерасне во најбараното дополнително помагало ЗА СИТЕ во Македонија, со дата база на податоци кои ќе може да помогнат во решавањето на било кој математички проблем.

Веб-сајтот има официјални канали за споделување на информации на социјалната мрежа Facebook за почеток, а наскоро ќе биде достапен и на Instagram. Освен на социјалните мрежи со корисен видео материјал сајтот е презентиран и на Youtube. Може да ја искористите приликата и да останете поврзани со официјалните гласила на овој веб-сајт, да ги следите, со цел навремено да бидете известени за споделувањето на нови информации од моја страна.

Секој читател може слободно да ме исконтактира и да ги сподели со мене неговите импресии. Секако чуствувајте се слободно да побарате било каква помош во областа на математиката користејќи ја официјалната страница за комуницирање, исто така и доколку сте заинтерсирани за дополнителни предавања од моја страна за вас или вашиот ученик.

Ќе Ви бидам благодарен доколку ја споделите оваа страница за да стигне до оние за кои е наменета.

Останете во добро здравје!
Со бога напред!