Овој водич ќе ви помогне да научите како се пресметува процент од било кој број! Подолу на оваа страница може да научите два различни методи за пресметување на процент од број. Логично, штом може да се пресмета процент од број, може да се пресмета и промената во вредноста на бројот (цената) во однос на тоа дали пресметуваме процентно зголемување или процентно намалување.

Како се пресметува процент од број – прв метод

Процент од даден број може да се пресмета на овој начин:

  1. Прво процентот се претвора во форма на дропка (процентот е броител, а во именител пишуваме 100).
  2. Потоа дропката ја множиме со бројот од кој што одредуваме процент (броителот го множиме со бројот од кој што одредуваме процент, а именителот останува 100).
  3. На крај, броителот и именителот ги делиме и пресметуваме.

Пример 1: Пресметај 30% од 2000!

Чекор број 1: Прво 30% го запишуваме во форма на дропка. Во броител дропката има 30, а во именител 100. Претворањето на 30% во форма на дропка изгледа вака:

Претворање 30% во дропка

Чекор број 2: Добиената дропка ја множиме со бројот 2000. Броителот 30 го множиме со 2000, а именителот 100 останува ист. Пресметката е дадена подолу:

30% од 2000

Чекор број 3: Со делење на броителот и именителот од последната дропка се добива дека:

60000 : 100 = 600

На крај извлекуваме заклучок дека 30% од 2000 е 600!

Пример 2: Пресметај 25% од 800!

Чекор број 1: Прво 25 % го запишуваме во форма на дропка. Во броител дропката има 25, а во именител 100. Претворањето на 25% во форма на дропка изгледа вака:

Претворање 25% во дропка

Чекор број 2: Добиената дропка ја множиме со бројот 800. Броителот 25 го множиме со 800, а именителот 100 останува ист. Пресметката е дадена подолу:

25% од 800

Чекор број 3: Со делење на броителот и именителот од последната дропка се добива дека:

20000 : 100 = 200

На крај извлекуваме заклучок дека 25% од 800 е 200!

Пресметување процент од број – втор метод

Процент од број може да се пресмета и на втор начин:

  1. Прво процентот се претвора во форма на децимален број (ако процентот е двоцифрен го пишуваме во формат 0,XY, каде X е цифрата на неговите десетки, а Y е цифрата на неговите единиц; Ако процентот е едноцифрен, тогаш го пишуваме во формат 0,0Y, затоа што има само едниници).
  2. Децималниот број добиен во првиот чекор го множиме со бројот од кој што одредуваме процент.

Пример 3: Одреди 10% од 250!

Чекор број 1: Прво 10% претвораме во децимален број! Бројот 10 го запишуваме во формат 0,XY на следниот начин:

10% = 0,1

Чекор број 2: Децималниот број 0,1 го множиме со бројот 250. Со оваа пресметка се добива дека:

0,1 x 250 = 25

На крај заклучуваме дека 10% од 250 е 25!

Пример 4: Одреди 75% од 200!

Чекор број 1: Прво 75% претвораме во децимален број! Бројот 75 го запишуваме во формат 0,XY на следниот начин:

75% = 0,75

Чекор број 2: Децималниот број 0,75 го множиме со бројот 200. Со оваа пресметка се добива дека:

0,75 x 200 = 150

На крај констатираме дека 75% од 200 е 150!

Видео примери со два методи

Видеото подолу содржи многу примери во кои се користат и двата различни методи за пресметување процент од број.

Како се пресметува процент од број

Погледнете повеќе примери за да научите како се пресметува процент од број без користење калкулатор. Секако ова е можно за карактеристични броеви со кои лесно може да се пресметува производ или количник!



Следете ги информациите и материјалите кои ќе бидат објавени во иднина со поврзување на профилите на www.matematikazasite.com профилите на Facebook, Instagram, Twitter и Youtube со користење на копчињата подолу.

 

Tags: , ,