Сила е физичка величина која претставува мерка за заемнодејството помеѓу телата. Логично за да има дејство на сила мора да има најмалку две тела кои имаат некое меѓусебно заемнодејство.
Силата се означува со F (еф големо латиница). Основната единица мерка за сила името го добила по англискиот физичар Исак Њутн. Основната единца мерка за сима се вика њутн (N). Таа е дефинирана на следниот начин: Сила од еден њутн е силата со која меѓусебно се привлекуваат планетата Земја и тело што има маса од 102 грами.
Самата основна единица мерка е прилично мала па во реални ситуации повеќе се користат поголемите мерни единици:
- 1kN (килоњутн) 1kN = 1000N
- 1MN (мегањутн) 1MN = 1000 000N
Мерниот инструмент со кој се мери силата се вика динамометар. Динамометарот ја користи еластичноста на пружините и правилноста на нивното растегнување во однос на дејството на надворешната сила.
Видови сили
Постојат многу различни видови сили. Тука ќе бидат спомнати само неколку од нив:
- Влечна
- Гравитациска
- Еластична
- Електрична
- Магнетна
- Меѓумолекуларна
- Сила на триење
Влечна
Влечни сили се оние сили кои претставуваат сила на туркање, влечење, кревање и кои на крај резултираат со одредено поместување на одредено тело (ако силата е доволно голема).
Гравитациска
Гравитациска сила е сила на привлекување меѓу било кои две тела кои ги има во универзумот. Зависно од тоа колкава е масата на телата и колкава е оддалеченоста меѓу нив таа сила може да има одреден интензитет. Доколку масата на телата е многу мала, а растојанието меѓу нив многу голема, тогаш гравитациската сила има занемарливо мал интензитет кој е невозможно да се регистрира.
Еластична
Еластична сила е силата која го враќа еластичното тело назад во неговата првобитна положба, откако на него дејствувала некоја надворешна сила. По престанокот на дејството на надворешниот фактор, телото се враќа во првобитната состојба во која што се наоѓало пред да почне со дејствување надворешната сила.
Пример, замислете еластична пружина која малку сме ја издолжиле. Веднаш штом престанеме со дејството пружината ќе се собере до нејзината оригинална должина
Електрична
Електрична сила е привлечната сила која се манифестира по триење меѓу одредени материјали. Сите го знаеме примерот кога балон ќе протриеме од косата па потоа може да го “залепиме” за ѕид, или пак наелектризираноста која може да се почуствува по лизгањето по детски лизгалки на поголемите игралишта.
Овој тип на привлечни сили спаѓаат во групата електрични сили. Секој може да тестира дали може самиот да предизвика електрична сила на овој начин:
- Пуштете ја славината на чешмата така што ќе тече што е можно потенок млаз вода.
- Протријте чешел или друг пластичен предмет од косата.
- Добилжете го пластичниот предмет непосредно до млазот со вода.
Доколку се создаде електрична сила на овој начин, млазот вода ќе се привлекува со пластичниот предмет и видно ќе се помести од неговата оригинална природна патека кон пластичниот предмет. Секако, ефектот може нема да се види веднаш со првиот пластичен предмет, но ако сте поупорни и направите тестирање со повеќе вакви пластични предмети, сигурно ќе успеете да предизвикате создавање на електрична сила.
Магнетна
Магнетните сили може да бидат сили на привлекување или пак сили на одбивање. Тука спаѓаат сите сили кои може да се појават помеѓу магнет и магнет или пак помеѓу магнет и некој метал.
Меѓумолекуларна
Меѓумолекуларните сили се сили на заемнодејство меѓу молекулите. Истите се делат на два различни видови:
- Атхезија – меѓумолекуларни сили меѓу разнородни молекули (молекули од различни материјали).
- Кохезија – меѓумолекуларни сили меѓу истородни молекули (молекули од ист материјал).
Сите веројатно некогаш сте се запрашале како може кредата толку лесно да се лепи на таблата, или пак графитот од моливот на тетратката. Овие сили кои го “држат” графитот на листот од тетратката, или пак кредата на табла се сили на атхезија.
Од друга страна, силите на кохезија се привлечните сили кои се “одговорни” за одржување на целовитоста на одредено тело или материјал.
Кохезијата и атхезијата се сили на привлекување, освен ако некоја надворешна сила дејствува врз телото и иницира намалување на меѓумолекуларните растојанија кои се карактеристични за одреден материјал, па тогаш силите на кохезија започнуваат да дејствуваат како одбивни сили.
Сили на триење
Силите на триење се оние сили кои се манифестираат поради триењето кое се јавува меѓу тела кои се допираат и притоа релативно (првото во однос на второто, или второто во однос на првото) се движат едно во однос на друго.
Овие сили обично му “пречат” на движењето и одземаат дел од влечната сила која е одговорна за неговото движење.
Следете ги информациите и материјалите кои ќе бидат објавени во иднина со поврзување на профилите на www.matematikazasite.com профилите на Facebook, Instagram, Twitter и Youtube со користење на копчињата подолу.
Tags: Атхезија, Видови сили, Влечна, Гравитациска, Еластична, Електрична, Кохезија, Магнетна, Меѓумолекуларна, Сила, Сили на триење